Игривоста не е спротивно од сериозноста – туку пат до сериозни резултати.
Во корпоративниот свет, играта често се доживува како нешто што треба да се остави на децата. Но, најновите сознанија од неуронауката, коучингот и организацискиот развој велат спротивното – токму играта, односно игривиот пристап, е една од најмоќните алатки што може да ја поттикне иновацијата, комуникацијата и културата на учење. Без страв, без формализам, но со многу ангажман. Во време кога организациите бараат луѓе кои се флексибилни, проактивни и отворени за учење, вреди да се запрашаме:
Како може игривоста да стане дел од секојдневниот начин на работа, без да ја наруши продуктивноста, туку да ја зајакне?
Од перспектива на мозокот, игривоста е начин да се создаде состојба во која учењето е природно, лесно и ефикасно. Кога сме опуштени, љубопитни и вклучени се лачи допамин, а допаминот е клучен за мотивација и не само што го олеснува учењето туку директно влијае и на способноста за креативно решавање проблеми. Во такви моменти, амигдалата (центарот за страв и реакција) се смирува, а префронталниот кортекс (делот од мозокот задолжен за размислување, креативност и донесување одлуки) добива целосен пристап до ресурсите. Во превод: кога сме опуштени и кога ни е забавно, сме попаметни, поснаодливи и поспремни да соработуваме, токму тоа го овозможува игривиот пристап. Се разбира, тоа не значи дека треба да си играме наместо да работиме, туку да се создадат моменти, алатки и структури кои внесуваат свежина, раздвижување и флексибилно размислување во работната реалност. Тоа е просторот каде што влегува пристапот #КакоМОЖЕ.
Играта, картите и коцката #КакоМОЖЕ се креирани со идејата да бидат алатка за развој на флексибилно размислување, активна комуникација и учење преку прашања. Наместо да се наметнува одговор или решение, тие поттикнуваат отворена дискусија и саморефлексија.
Во организациски контекст, овие алатки можат да се користат во:
- тимски сесии за решавање проблеми,
- состаноци за подобрување на комуникацијата,
- обуки за лидерство или учење преку искуство,
- индивидуален или тимски коучинг.
Преку игрива структура – фрлање коцка, избор на прашање, фрлање на карта или движење низ игра учесниците се активни, вклучени и најважно присутни. Прашањата отвораат нови агли на гледање, без отпор, а новите прашања бараат нови одговори.
Овој пристап беше прикажан и на HR Disrupt 2.0 Скопје каде публиката имаше можност да ја види големата идеја која е зад играта #КакоМОЖЕ, а беше препозната не како класична игра туку како стратешка алатка што отвора простор за автентичен разговор, креативност и ново движење во тимот. Доколку сакате да ја видите снимката од истото и енергијата што ја создаде #КакоМОЖЕ посетете го следниот линк https://anasaltirova.mk/project/razviva%d1%9ae-na-stavot-kakomozhe-vo-korporativniot-svet/ (беше еден од најгледаните говори таа година).
Денес, кога зборуваме за employee experience, сè почесто зборуваме и за смисленост, за чувство на припадност, за средина која поттикнува ангажман. Игривоста не е спротивна на ова, напротив таа е еден од начините да се стигне до тоа ниво на вклученост. Важно е да направиме разлика: не станува збор за детска игра или површни тим билдинг активности. Игривоста не смее да биде навредлива, механичка или празна од смисла. Не станува збор за игри во кои вработените треба да се „забавуваат на сила“. Станува збор за алатки кои нудат структура за креативно решавање проблеми, за отворена комуникација, за работа на вештини на начин кој ангажира и мотивира. Тоа значи почит кон интелигенцијата на вработените и создавање на простор каде нивниот придонес се вреднува.
Игривоста, кога е правилно интегрирана, станува дел од културата и токму тука лежи нејзината сила. Таа не е активност туку пристап на работа. Пристап кој фокусот го става на #КакоМОЖЕ, а не зошто не и кој е крив?
Организациите т.е. лидерите во нив кои знаат да креираат игрив, но структуриран простор за размислување, често градат поотпорни и поангажирани тимови, а тоа е лидерска зрелост. Можеби токму играта ќе биде нашата најсериозна инвестиција во посветено, флексибилно и човечко работење. Кога играме ние не сме крути, не глумиме совршенство, не се плашиме од грешка. Зашто во играта нема поени за перфекција, туку за обид. Токму затоа, играта создава простор за искреност, автентичност и пробување без страв од грешка/казна. А таков простор е повеќе од потребен во работните средини ако сакаме да градиме организации кои учат, се адаптираат и не се плашат да растат.
Во време кога знаењето брзо застарува, а промени се случуваат секојдневно, организациите кои имаат храброст да експериментираат, да вклучат игривост и да создадат простор за искрена размена се оние што ќе останат во игра. Игривоста не е непрофесионализам, таа овозможува на професионалниот начин да се остане човечен и да се размислува флексибилно. Зашто промената не доаѓа од „да работиме повеќе и понапорно“, туку од „да размислуваме поинаку и покреативно“, да размислуваме #КакоМОЖЕ.
Како што вели Жан Пијаже:
„Играта е работа на децата.“
Но ако прашате мене – големите не треба да престанат да си играат.
Само треба да го прават тоа поумно, свесно и со цел.
Ова не е крај на играта 🎲 – туку почеток на нов пристап.