„Ако веруваш дека можеш и ако веруваш дека не можеш, во право си.“
Хенри Форд
Имаме потреба да си ги објасниме работите да им дадеме значење но од која претпоставка и од која дефиниција го правиме тоа, дали сме се запрашале. Која е скриената претпоставка од која што тргнуваме во деловните односи/релации/проекти? Дали можеби истата е скриена и од нас самите? Дали сме свесни за претпоставките од кои што тргнуваме? Често претпоставките директно влијаат и на резултатите посебно доколку имаме и некаква (не)формална моќ па луѓето кои не опкружуваат, кои тогаш се обојуваат со нашите претпоставки и од таму тргнуваат како да тргнуваат од вистини. Колку често ги преиспитуваме прифатените вистини? На самиот крај на Ковид кризата или на почетокот на новиот бран по најавите на „познавачите“ можам да заклучам дека оваа промена на сите влијаеше и даде јасен преглед за тоа на кое ниво на развој е секоја организација и на кое ниво на развој се нејзините вработени. Колку секоја организација, колку вработените во неа се флексибилни, резилиентни и пресретливи на промените кои што се сѐ почести и се пооштри ако не сме ги научиле претходните лекциите.
Да бидеме практични, во овој текст со вас сакам да споделам една техника од coaching пристапот која дава одлични резултати во работата со луѓето а не помалку валидни резултати и во работата со проекти/процеси. Техниката ја користат магијата во прашањата или уметноста на свесно поставување прашања во насока на развој на вработените од една страна и развој од организацијата од друга страна.
Прво, направете список на неколку неуспешни проекти/деловни разговори/фидбек разговори со вработени/… во кои според вашето вреднување не сте го постигнале посакуваниот/планираниот успех. Почнете со искуството кое што кај вас предизвика најмалку негативна енергија и освестете ги вашите мисли во која насока се движат. Како размислувате за овој непосакуван резултат?
Доколку сте како повеќето луѓе, и доколку структурирано или интуитивно не сте ја откриле скриената магијата во прашањата најчесто размислувањето за неуспешниот проект/деловен разговор/фидбек разговор/… се движат во следната насока или некоја комбинација од следните прашања кои циклично се повторуваат и ни ја инхибираат мисловната енергија со секој циклус се повеќе и повеќе:
- Што е проблемот, што не е во ред?
- Чија грешка е ова?
- Зошто ова се случи?
- Како ова ме ограничува?
- Како ова е проблем за мене?
Предлогот е да почнеме да си поставуваме поинакви прашања од кои секако ќе почнеме да генерираме и поинакви одговори. Да почнеме да си поставуваме поинакви прашања кои ќе ни помогнат да ги препознаеме и научиме лекциите, па помудри да влеземе во следниот проект/деловен разговор/фидбек разговор/…
- Што е она што сакам да го постигнам?
- Што можам од научам од ова искуство?
- Како се случило ова?
- Каква можност лежи тука?
- Како е ова добро за мене?
Правата серија на прашања се нижат едно подруго како логична целина но не нѐ носат во посакуваната насока, она што е потребно е себе си да си ги поставиме втората група на прашања и на непосакуваниот резултат да погледнеме како на искуство за учење, оваа промена на ставот и прашањата комплетно ја менува играта. Да погледнеме со „свежи очи“ на старите неуспеси, да провериме дали таму има некои испуштени лекции. Во минатото има смисла да се навраќаме само доколку е во служба и полза на иднината во спротивно е ентропија на енергијата.
Добро прашање е она прашање за кое што немаме веднаш одговор, туку не наведува на размислување. Јас на ова гледам како на огромна сила или поточно огромна потенцијалната сила. Можеби новото време не бара од нас да работиме понапорно туку да размислуваме поинаку па да работиме помудро. Оние кои што имаат подобри резултати од нас не работат секогаш понапорно туку можеби „понапорно“ размислувале за работите па согледале нова стратегија, подобар начин, пократок пат… На секого му е тоа достапна можноста да размислува за сопственото размислување и да ги преиспита сопствени одговори, посебно во динамични времиња тоа не е луксуз туку потреба. Работите се менуваат со рапидна брзина потребно е да го прилагодиме и нашиот мисловен процес како би одговориле на новите промени, потребно е да си ги преиспитаме одговорите кои што ги даваме дали се сеуште актуелни или можеби некои работи се промениле. Магијата која што е скриена во прашањата е одлично место од кое може да се почне ова патување.