„Ништо не е потешко и ништо не е повредно од способноста да се донесе одлука.“ Наполеон Бонапарта
Времето на динамични промени бара од вработените способност за брзо носење на правилни одлуки. Успеваат добро да се позиционираат само оние вработени кои се приспособуваат кон променетата средина, а успехот им припаѓа на оние кои ја креираат промената. Се прашувам дали вреди да се споменат оние кои што чекаат да падне топката на игралиштето па да видат како ќе се позиционираат т.е. како ќе реагираат на новонастанатите околности. Проактивноста од вработените подразбира активно размислување за иднината, нејзино планирање, креирање на сценарија за идните потреби, за средината и за сè друго што би можело да влијае врз нив и организацијата за која работат т.е. времено носење на умни одлуки.
Проактивноста е отров за реактивноста. Ако старата парадигма беше промена – реагирање на промената, наспроти неа новата парадигма упатува на наслутување на промената и проактивно дејствување како основна карактеристика за обезбедување на место под сонцето на разбрануваниот пазар. Сето ова ја буди потребата од унапредување на способноста за носење на одлуки и преземање на одговорност за резултатот од истите. Времето за кое некои веруваат дека доаѓа всушност го живееме, времето на знаење е насекаде околу нас. Една од важните работи кои е потребно да се знаат за да се биде конкурентен на пазарот е кои одлуки треба да се донесат. Ако сепак се случи да не се знае која одлука е умно во моментот да се донесе суштински е важно да се знае која одлука никако не смее да биде донесена.
Од една страна нашата работа е слика т.е. пресликување на одлуките кои што ги имаме донесено, кои што ги носиме, кои што ги одолговлекуваме и кои не ги носиме (што секако е носење на одлука). Од друга страна пак свеста и разумот се карактеристиките кои не одвојуваат од животните што упатува дека свесно и разумно можеме да ги носиме одлуките што подразбира и свесно и разумно да ги прифатиме одговорностите кои произлегуваат од донесените одлуки. Сите луѓе поседуваат моќ да размислуваат и осмислуваат и да го дефинираат животот преку донесените одлуки. Секој човек е единствена, сосема посебна, во секој случај значајна и чудесна точка, точка каде што се вкрстуваат силите на светот, само еднаш и никогаш повеќе. Способноста за умно носење на одлуки се состои во тоа да од секого се извлече најдоброто. Тоа има за цел да го олесни битисувањето во секојдневниот работен ден и да не воведе во малите несекојдневни авантури на духовното и емпириското, да ни вткае самосвест за да се пронајдеме себе си. Затоа е суштински важно да се подигне свеста за преземањето на одговорност од одлуката. За секоја преземена одлука одговорен е оној кој што ја има преземено. Секое препишување на одговорноста подразбира препишување на моќта и слободата која што се поседува. Ако верувате дека немате моќ нешто да промените, тогаш најверојатно сте во право. Вие сигурно ја имате „продадено, дадено, предадено“ вашата моќ, вашето право самостојно да донесувате одлуки. Не постои безнадежна ситуација. Секоја ситуација колку и да е лоша истовремено е и променлива.
Секојдневната потреба за носење на важни одлуки го дефинира патот по кој се движиме и по кој ќе се движиме во иднина. Можеби некој нема да се сложи со мене и со моето размислување, но го предизвикувам малку подлабоко да размисли… што е она што можете да го изгубите доколку (не)донесете некоја одлука?
Според истражувањата на Cornell University секој ден луѓето носат 2.267 одлуки на тема храна. Како се зголемува нивото на одговорност тоа со себе носи потреба за носење на повеќе одлуки, истражувањата посочуваат дека просечен возрасен носи околу 35.000 одлуки секој ден. А за зголемување на нивото на успешност во носење на одлуки ова се некои од работите на кои треба да се осврнеме:
#1 Од каква состојба се носи одлуката, дали сме добра или не толку добра состојба. Поедноставно кажано кога се чувствуваме добро поголема е веројатноста да донесеме добра одлука и тоа е тесно поврзано за тоа како ни е поставен нашиот оперативен систем (мозокот). Пред да донесете некоја важна одлука првин влезете во добра состојба само во неа ни се достапни сите ресурси кои ги имаме во себе.
#2 Суштински е важно да се прави разлика измеѓу важни и итни одлуки. Доколку некоја одлука што ќе се донесе нема никакво значајно влијание после 1 ден, 1 недела, 1 месец, 1 година која е оправданоста да се вложува многу енергија во нејзиното носење (независно што е итна). Запрашајте се дали можеби се држите себе си зафатени со носење на итни одлуки (што е изговор) за неносење на одлуки кои се важни (а не се секогаш лесни). Свесно изберете на кои одлуки ќе се фокусирате, кои одлуки се важни за вас и вашата кариера и донесете ги согласно вашиот систем на вредности и верувања. Водете ја вашата кариера во посакуваната насока не чекајте да ви се случи.
#3 Анализа парализа – парализа од преголема анализа. Кога ќе се почне со „што ако“ за работи кои ни се базирани на претпоставки кои се многу малку веројатни може да дојде само до парализа, сомнежот е најголемиот убиец. Поголем неуспех луѓето направиле од неодлучност отколку од погрешни одлуки (во секоја „погрешна“ одлука има лекција). Перфекционизмот не спречува да бидеме перфектни. Никогаш нема да бидат сите коцки посложени се посложуваат кога ќе тргнеме на патувањето.