NLP-то не се труди да го смени светот туку се труди да го смени погледот на поединецот на светот, кој што ќе му овозможи да изгради поефикасна и поефективна комуникација со себе и со другите. Само со подобра комуникација сам со себе и со луѓето кои окружуваат може да се тргне по патот на освојување на личното мајсторство. Вистинскиот напредок се мери според личните стандарди, а не по стандардите кои се проектирани од окружувањето, во поширока смисла и општеството. Доколку се сака да се постигне повеќе од самиот себе треба да се развиваат нови погледи, со интегрирање на аксиомите од NLP-то доаѓа до промена на ставот со кој се впушта личноста во комуникацијата. Верувањата со кои се влегува во комуникацијата во голем дел го диктираат (не)успехот. Тоа се лични верувања на кои секој може да работи и да ги менува, преземајќи ја одговорноста за (не)успехот. Малата разлика кај луѓето која прави голема разлика во резултатите е начинот на кој се размислува. Мислата има неверојатно голема моќ. Она на кое што се фокусира мислата има тенденција да расте, а одговорноста лежи пред секого за тоа на што ги фокусира сопствените мисли.
За разбирање на аксиомите во NLP-то пред се треба да се разбере поимот аксиома. Лексиконот аксиомата ја дефинира како основна вистина, основно начело кое што е јасно само по себе, вистина за која не е потребен доказ. Аристотел пак, аксиомата ја дефинира како принцип кој треба да се прифати ако нешто сака да се разбере, односно тоа е првата претстава од која почнува докажувањето, а самата не се докажува.
Со разбирањето на водечките аксиоми можат да се разберат и водечките принципи на кои што се темели NLP-то. Тие се моќни верувања кои и овозможуваат на личноста да воспостави успешна комуникацијата со другите луѓе и со себе. Рамки низ кои личноста го восприма светот. Според различни автори и зависно од литературата која ќе биде консултирана може да се сретнат околу дваесет и пет аксиоми, од кои носечката аксиома е:
„Мапата не е територија“
Една од најпознатите аксиоми во NLP-то е мапата не е територија, првпат објавено во „Science and Sanity“ во 1973 година од страна на Алфред Корзибски полски научник и филозоф. Корзибски упатува на фактот дека светот – територијата се восприма преку петте сетилата (гледање, слушање, допирање, мирисање и вкусување), внатрешната интерпретација на виденото, слушнатото, допреното, мириснатото и вкусеното го преставува личното воспримање на реалноста што се именува како мапа. Фактот дека човековите сетила се бомбардирани од 2.000.000 бити на информација во секунда наспроти способноста на човековиот мозок за обработка на истите, резултира со филтрирање на податоците и обработка на многу мал дел од тие информации, тоа упатува дека секој човек креира лична реалност т.е. начин на кој што ја интерпретира реалноста. Филтрирањето на информациите се врши врз база на вредностите, верувањата на личноста, интересирањата, нејзиното минато искуство, културата, општеството во кое живее, врз база на кои и се креира мапата за светот. Според ова може да се каже дека сите луѓе живеат во своја индивидуална реалност.
Со интегрирањето на оваа аксиома во личните размислувања не се очекува да се смени погледот на поединецот на „реалноста“ туку да се развие свесност за „реалностите“ на соговорниците. Затоа што секој човек има своја мапа за светот и со почитување на истата може да се очекува дека почитувањето ќе биде возвратено. Кога се почитува туѓата мапа и фрустрацијата ќе биде помала во различните воспримања на реалноста и полесно ќе се согледа дека личноста нема ништо против идејата, предлогот, ставот, размислата туку дека едноставно реагира согласно својата мапа на светот. Со почитувањето и разбирањето на туѓата мапа се зголемува веројатноста дека преговорите ќе бидат успешни, дека договорот ќе биде склучен затоа што се има свесност за туѓата мапа и се погледнува и од другиот агол. Кога ќе се промени стојалиштето се менува и погледот. Со ова не се сака да се каже дека има „точни “ и „неточни “ мапи туку дека има различни мапи кои може да се поделат на корисни и не толку корисни мапи. Мапи кои носат до посакуваниот успех и мапи кои оддалечуваат од него. Со развивање на свесност за мапата истата може свесно да се менува со менување на личните вредности, убедувања, погледи.