Кога сите медиуми, пишани и непишани, бомбардираат со сè она што би можело да се случи и со сè она што би било добро да се случи, ни најмалку не нè доближува кон можните работи коишто сеуште можат да се случат, се губи фокусот на сегашноста т.е. на иднината и се „лелека” по минатото. Зборовите „сакав”, „можев”, „требаше” се зборови кои што не помагаат да се надминат сожалувањата, грешките и пропуштените можности и не помагаат да се сврти фокусот кон иднината. Затоа повеќе од потребно е да се зафатиме со изучување на „мистериозната” комуникација и да го надминеме верувањето дека доколку знаеме да зборуваме, тогаш проверено знаеме и да комуницираме.
Комуникацијата е нешто за кое во последно време многу се зборува, а виртуозите во комуницирањето континуирано укажуваат дека секој ден учат по нешто ново и дека колку повеќе осознаваат толку повеќе врати на знаење се отвораат пред нив. Формалното образование не е доволно и не ги задоволува потребите на поединецот кога ќе влезе во деловниот свет, нормално доколку сака да биде успешен.
Работите многу брзо се менуваат и самото тоа наложува перманентно усовршување и проучување на истите.
NLP-то како применета наука и уметност која ја изучува комуникацијата, гордо ги преставува своите аксиоми. Аксиомите и интегрирањето на истите во личниот склоп на размислување можат значително да придонесат кон унапредување на деловната комуникација. Во овој текст со вас ќе бидат споделени некои од аксиомите кои можат да ви помогнат да ја подобрите деловната комуникација. Немојте да бидете премногу строги и да се сомневате во нивната моќ, според нивната едноставност. Истите носат завидни резултати единствено со применување, а не со нивно пасивно знаење.
Еве некои од нив…
Не постои неуспех, постои само резултат. Неуспех е именка што го опишува резултатот кој не сме го посакувале. Многу луѓе кога нема да успеат во некој деловен разговор се повлекуваат и не се обидуваат повторно или пак се впуштаат само кога тоа е неопходно. Сами си ја кратат генијалноста која можат да му ја дадат на светот. Искуството е секогаш она што го добиваме кога нема да го добиеме она што сме го посакувале. Искуството и фидбекот, како и нивното интегрирање во идните акции е она што ќе ја направи позитивната разлика наредниот пат. Доколку на овој начин се погледне на неуспехот, дали тогаш неуспехот навистина е неуспех или е почетен чекор кон успехот? Неуспехот во себе го содржи клучот за успехот, нè учи како не треба да правиме ако сакаме да бидеме успешни во деловната комуникација.
Кога нешто не носи резултати треба да се проба нешто друго. Луѓето што го имаат интегрирано овој начин на размислување како лично убедување, се многу поуспешни не само во деловната комуникација туку воопшто во секоја работа за која ќе се зафатат. Ако одреден начин на однесување не носи резултати тогаш истото однесување треба да се промени, ваквиот став е карактеристичен најчесто кога разумно размислуваме за проблемот. Но, неретко луѓето се заглавени, свесно или несвесно во магичниот круг на повторување на истите грешки. Во човековата природа е да се сакаат и прават работите кои ни се познати и со кои се чувствуваме комотно. Треба да се покаже флексибилност во постапките. Светот многу брзо се менува и однесувањата кои некогаш носеле позитивни резултати не мора да носат и во иднина такви резултати. Наградата за спремноста да се покаже флексибилност во начинот на однесување често е успех, а за тоа вреди да се вложи дополнителен напор и да се напушти за момент зоната на комоцијата.
Ако можете понекогаш, можете секогаш. Тоа што може еден можат и сите останати. Доколку погледнете во минатите искуства најверојатно ќе забележите дека некогаш лесно го постигнувате резултатот што го посакувате во деловната комуникација, а некогаш не или дека некои луѓе се успешни, а други не. Што е разликата, дали успешните се природно надарени, а вие не? Дали некој ден е подобар од другиот, па од тоа зависи и вашиот успех? Ако верувате во тоа со сигурност може да се каже дека ќе се исполнат вашите стравови. Но, фактот за комуникацијата е дека таа е вештина и како таква секој може да ја совлада. Некому може да му треба повеќе време, на некој помалку, но нема таков кој сака, а не може, освен доколку така реши. Оваа аксиома подучува дека ако еднаш сме успеале, можеме да го повториме истото онолку пати колку што сакаме. И ако има некој кој што успеал ние можеме да го научиме тоа. Во NLP-то има многу техники за моделирање на однесувањето на успешните со што се подржуваат процесот на учење на успешните практики.
Умот и телото се делови од ист систем. Нашето тело може да ни биде сојузник во постигнување на посакуваните резултати во деловната комуникација или наш непријател. Не е ново дека голем дел од комуникацијата ја пренесуваме преку говорот на телото, според некои истражувања дури 55%[1] од пораката која ја примаме/даваме на соговорникот е преку говорот на телото. Она што се подучува преку оваа аксиома е како вие можете да го искористите тоа, затоа што секоја положба на телото си има своја емоција и секоја емоција си има своја физиологија. Истото најдобро може да се забележи доколку се набљудуваат среќни луѓе, кај сите нив може да се види сличен став во држењето на телото, изразите на лицето и во целата нивна физиологија, истото се случува и кога се набљудуваат тажни луѓе и тие имаат заеднички елементи во физиологијата. Според тоа оваа аксиома посочува дека ако сакаме да се чувствуваме самоуверено во деловните разговори треба да се заземе самоуверен став во положбата на телото/физиологија. Дали ако им зборувате потиштено на вашите потенцијални купувачи/партнери/потенцијални деловни соработници и тоа зрачи од секоја клетка од вашето тело, тие ќе сакаат да соработуваат со вас? Сите сакаат успешни луѓе, успешните луѓе имаат посебна физиологија.
И многу повеќе…
Кои се вашите верувања со кои што влегувате во деловната комуникација? Преиспитајте ги. Голем дел од нив го диктираат вашиот успех или неуспех. Тоа е како исполнување на сопственото пророштво. Дали скриеното гласче во главата ви шепнува дека нема да успеете, дека сè ќе се заврши како минатиот пат…
Станува збор за верувањата кои луѓето ги имаат и со кои пристапуваат во деловната комуникација. Тие истите можат да помогнат во воспоставување на продуктивни деловни врски, но и да ве спречат. Убавата работа во сето тоа е што тоа се ваши верувања и на истите, доколку така одлучите, можете свесно да работите. Очилата низ кои го гледате светот можете да ги менувате.
Малата разлика кај луѓето која прави голема разлика во резултатите е начинот на кој што се размислува. Мислата има неверојатно голема моќ, а она на кое што се фокусираме има тенденција да расте. Затоа внимавајте на што ги фокусирате своите мисли, дали е тоа успехот или неуспехот во деловната комуникација.
[1] Алберт Мехрабиен (1971) од UCLA доаѓа до заклучок дека 55% од пораката се пренесува преку говорот на телото, 38% боја и тон на гласот и само 7% преку зборовите.