Критика vs. Прашање

Етикетите кои им ги ставаме на вработените, колегите, соработниците, најчесто се од дефинициите кои ги имаме и нашата врзаност за тоа како треба да се прават работите, што е најчесто од позиција на страв а не од позиција на развој. Единствено нешто во што овој став е добро, е тоа што го блокира градењето на релации исто како што ја блокира и можноста да ги поттикнеме вработените, колегите, соработниците да го откријат и дадат најдоброто од себе, а тоа секако не е добро.

 

Дали ваквиот став свои корени има и во чувството на познатост, што креира лажно чувство на сигурност. Кога последен пат сме направиле евалвација за тоа колку е сигурна сигурната зона? И колку е конфорна конфорната зона? Дали редовно се препрашуваме за важните прашања или се држиме за одговорите кои што некогаш сме си ги дале? Дали е ова сигурно? Дали е ова конфорно? Кој ни ја продал идејата за тоа размислување?

 

Пандемијата не научи на многу вредни лекции на тема сигурност и тоа:

#1 редовно одржување на хигиена и

#2 одржување на растојание.

 

Би можеле да ја искористиме истата аналогија и да изградиме имунитет против етикетирање на вработените, колегите, соработниците согласно она што ни е познато и ни ја негува сигурната и/или конфорната зона, која долгорочно предизвикува несакани симптоми исто како и грипот. Работите многу брзо се менуваат, веројатно е мудро да ги следиме трендовите, а најмалку што може да направиме е да се препрашаме за важните сегменти од работата. Препораката е:

 

#1 Да одржуваме хигиена на мислите/ставовите исто како што одржуваме хигиена за заштита од Ковид-19. Моќна алатка која е важно да ја имаме во нашето ковчеже со алатки е коучинг пристапот т.е. коучинг прашањата. А она што можеме веднаш да го ставиме во нашата практика е секогаш кога ќе слушнеме нешто што ја „допира“ нашата мапа на сигурност/конфорност да се запрашаме која е позитивната намера на оној/онаа што ја „допира“ нашата мапа (мапата е начин како ги боиме, како ги дефинираме работите за да ја задоволиме потребата да им дадеме значење, да ги објасниме). Откако ќе ја откриеме позитивната намера држејќи се од таа позиција да упатиме прашање наместо критика. И прашањето и критиката имаат иста цел но сосема различен исход, критиката инхибира, прашањата отвораат можности. Кога би сакала да ги конкретизирам апстрактните формулации низ секојдневен пример за истото да може веднаш да се стави во служба секому би му препорачала кога ќе се препознае првичен импулс да каже „Таа идеја не може да се реализира“ истото да го преформулира во прашање „Како може ова да се реализира, кои се чекорите? Како можам да те поддржам?“. На овој начин позитивната намера од критиката е спакувана во прашање кое што може да резултира со идеи како нештото може да се направи. Ве молам внимавајте да не ги помешате ЗОШТО прашањата со КАКО прашањата, зошто често ќе ве однесе кон изговори а КАКО кон генерирање на можни решенија.

 

#2 Да одржуваме растојание од сите кои што се заразени со менталниот вирус „јас знам најдобро“. Размена на мислење да правиме само со луѓе кои ги имаат резултатите кон кои што се стремиме, а не со луѓе кои што од својата сигурна и/или конфорна зона се расфрлаат со мислења како треба без соодветно искуство и резултати.

 

Сите имаме своја мапа според која го избираме нашето однесување, но дали е сеуште актуелна за да не однесе на посакуваната локација? Од местото на кое што сме сите имаме единствен поглед со кој можеме да ја збогатиме мапата, затоа е важно да се вклучат сите кои што имаат критичен поглед за темата, наше е да внимаваме само на тоа да не гледаат на работите преку наочари со ерозивни вредности.

 

За крај запрашајте се Како „мириса“ кога ќе излезам од просторијата? и направете ги промените ако не сте среќни со одговорот. Да бидеме поддршка за вработените, да не ги пуштаме во ладна вода и да вреднуваме како ќе се снајдат, потребно е да бидеме поддршка не да ги губиме луѓето, ова е опасна стратегија освен ако целта не е да се изградат нови Спартанци.

Facebook
Twitter
LinkedIn